2 Солунјаните 2:9-15 MNT

9 Тој зол човек ќе дојде за да ги изврши делата на Сатаната: со сета своја сила ќе покаже лажни чудотворни знаци.

10 Со своите зли дела ќе успее да ги измами оние што одат по патот кој води во пропаст, зашто одбија да ја засакаат вистината и така да се спасат.

11 Затоа Бог им испраќа една толку уверлива измама, што ќе поверуваат во сите тие лаги.

12 Тогаш сите тие ќе бидат казнети, бидејќи, наместо да поверуваат во вистината, тие уживаа да прават зло.

13 Чувствуваме обврска постојано да Му бидеме благодарни на Бог за вас, драги пријатели христијани, вас што Господ ве засака. Тој ве одбра да се спасите меѓу првите, така што Светиот Дух ве посвети, а вие поверувавте во вистината.

14 Преку нашето проповедање на Радосната вест Бог ве повика да се спасите. Сега можете и вие да се придружите кон славата на нашиот Господ Исус Христос.

15 Затоа, драги пријатели христијани, бидете непоколебливи и држете се цврсто до она што ве учевме лично и преку нашите писма.