Дела Ап. 9:31-37 MNT

31 Тогаш низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија, за Црквата настапи период на мир и растеж. Живеејќи со страхопочит спрема Господ и имајќи поткрепа од Светиот Дух, бројот на христијаните постојано се зголемуваше.

32 Посетувајќи ги христијаните, апостол Петар патуваше од место во место. Така пристигна и кај следбениците на Господ што живееја во градот Лида.

33 Таму сретна еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран.

34 Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува! Стани и намести си ја постелата!“ И тој веднаш стана!

35 Сите што живееја во Лида и Шарон го видоа ова и се обратија кон Господ.

36 А во градот Јопа имаше една христијанка по име Тавита, што во превод значи ,Срна‘. Таа имаше направено многу добри дела и имаше раздавано многу милостина.

37 Во тоа време се разболе и умре. Ја избањаа и ја положија во една соба на горниот кат.