Дела Ап. 9:33-39 MNT

33 Таму сретна еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран.

34 Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува! Стани и намести си ја постелата!“ И тој веднаш стана!

35 Сите што живееја во Лида и Шарон го видоа ова и се обратија кон Господ.

36 А во градот Јопа имаше една христијанка по име Тавита, што во превод значи ,Срна‘. Таа имаше направено многу добри дела и имаше раздавано многу милостина.

37 Во тоа време се разболе и умре. Ја избањаа и ја положија во една соба на горниот кат.

38 Лида е близу до Јопа и кога христијаните од Јопа разбраа дека Петар е во Лида, испратија двајца луѓе да го викнат веднаш да дојде кај нив.

39 Петар веднаш стана и тргна со нив кон Јопа. Кога пристигнаа, го одведоа во горната соба. Собата беше полна со вдовици кои веднаш се собраа околу Петар и плачејќи му ги покажуваа кошулите и другите облеки што ги изработувала Тавита додека била жива.