30 Тие му одговорија: „Да не беше Овој човек злосторник, зар ќе ти го доведовме!?“
31 Но Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон!“ „Нам не ни е дозволено да извршуваме смртна пресуда над никого“ - му рекоа Евреите.
32 Така започна да се исполнува она што го рече Исус за начинот на кој Тој ќе умре.
33 Тогаш Пилат се врати во палатата, Го повика Исуса, и Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“
34 Исус одговори: „Од тебе ли потекнува ова прашање, или други ти кажувале за Мене?“
35 „Зар сум јас Евреин?“ - одговори Пилат. „Твојот народ и свештеничките поглавари Те предадоа кај мене. Што си сторил?“
36 Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет. Да беше Моето царство од овој свет, Моите следбеници ќе се бореа да не им паднам во рацете на еврејските верски водачи. Не, Моето царство не е одовде.“