Јован 4:36-42 MNT

36 Жетварите веќе добиваат плата за својот труд, а плодот што го собираат се луѓето кои преку нив дошле до вечен живот. Така и сејачите и жетварите заедно се радуваат.

37 Зашто поговорката: ?Еден сее, а друг жнее‘ е вистинита.

38 Јас ве испратив да жнеете таму каде што не сте вложиле труд да сеете. Други вложија голем труд, а вие ќе жнеете врз основа на нивната работа.“

39 Многу Самарјанци од тој град поверуваа во Исус врз основа на сведочењето на жената, која им говореше: „Ми кажа се што сум сторила!“

40 Затоа, Самарјанците дојдоа кај Исус и Го замолија да остане кај нив, и Тој остана таму два дена.

41 И уште многумина поверуваа слушајќи ги Неговите проповеди,

42 па и велеа на жената: „Сега не веруваме само поради твоите зборови, туку заради тоа што самите Го слушавме Исуса и се уверивме дека Тој навистина е Спасителот на светот!“