2 Петар 1:3-9 MKB

3 Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сè што ни е потребно за живот и побожност, преку познавањето на Оној, Кој нè повика преку Својата сопствена слава и добродетел,

4 со што ни се подарени скапоцени и најголеми ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа, откако и избегавте на расипаноста, која е во светот, преку сладострастието, кое владее во светот;

5 заради тоа вложете ја сета ревност, и исполнете ја својата вера со добродетел, а добродетелта со знаење;

6 а знаењето со воздржливост; а воздржливоста со трпение; а трпението со побожност;

7 а побожноста со братољубие; а братољубието со љубов.

8 Зашто, ако го имате сè тоа и тоа се умножува, не ве прави мрзливи и бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос,

9 но, кој го нема тоа, слеп е и кусоглед: зашто заборавил дека е очистен од своите стари гревови.