2 Петар 2:7-13 MKB

7 и ако го избави праведниот Лот, кого го мачеше развратниот живот на беззакониците,

8 - зашто овој праведник, живеејќи меѓу нив, ја измачуваше одденнаден својата праведна душа, гледајќи ги и слушајќи ги нивните беззаконски дела, -

9 тоа значи дека Господ знае како да ги избави побожните од искушенија, а неправедните да ги запази за казнување до денот на судот;

10 а особено оние, кои одат по нечистите похоти на телото и го презираат господството. Како дрски и своеволни луѓе тие не се плашат да ги хулат величествата,

11 додека ангелите, кои се поголеми по сила и снага, не изговараат хулна осуда против нив пред Господа.

12 А овие, како неразумни животни, кои се по природа определени да бидат ловени и истребувани, хулат на она што не го знаат, и самите ќе загинат во својот разврат,

13 добивајќи казна за неправдата. Тие го сметаат развратниот живот дење за своја наслада, валкани и срамни се тие, кои се честат со своите измами кога се гостат со вас.