Агеј 2:11-17 MKB

11 Господ над Војските зборува вака: „Прашај ги свештениците што вели Законот и речи:

12 ‘Кога некој би носел во скутот на својата облека осветено месо, или ако би се допрел со скутот до леб, до јадење, до вино, до масло или до каква и да е храна; дали тоа ќе стане свето?’” Свештениците одговорија: „Не!”

13 Агеј праша натаму: „Кога некој, кој се онечистува допирајќи мртовец, ќе допре нешто од она, дали тоа ќе стане нечисто?” Свештениците одговорија: „Ќе биде нечисто.”

14 Тогаш Агеј рече вака: „‘Таков е и овој род, таков е овој народ пред Мене - говори Господ - такво е секое дело на нивните раце, и сè што принесуваат тука: сè е нечисто!

15 А сега, размислете во срцето од денешниот ден за напред: Пред да почне да се става камен на камен во Господовото Светилиште, какви бевте?

16 Му доаѓавте на куп од дваесет мери, а беа само десет! И доаѓавте на кацата за да зафатите педесет мери, а беа само дваесет!

17 Го удирав со суша, со пламеница и со град секое дело на вашите раце, но никој нема кај Мене - говори Господ.