1 Петар 1:15-21 MNT

15 Напротив, бидете свети во сите свои постапки, бидејќи вие сте Божји избраници, а Тој е свет.

16 Самиот Бог во Светото Писмо ни порачува: “Бидете свети, затоа што Јас сум свет!“

17 Кога веќе Бога го сметате за ваш небесен Татко, Кој секого наградува или казнува според постапките, без пристрасности спрема поединци, тогаш, се додека живеете како туѓинци, овде на Земјава, однесувајте се со страхопочит спрема Бог.

18 Вие знаете каква цена беше платена за да бидете откупени од безвредниот начин на живеење што го имавте наследено од вашите татковци. Знаете дека не бевте откупени со сребреници и златници, кои се потрошни нешта,

19 туку со скапоцената крв на Христос, безгрешното, совршено Божјо Јагне.

20 Бог Него Го одбра за оваа цел уште пред создавањето на светот, но дури сега, во овие последни времиња, Го испрати на Земјата заради вас.

21 Преку Христос вие поверувавте во Бог, во Оној што Го воскресна од мртвите и Го прослави. Затоа можете со целосна доверба да ја положите својата надеж во Бог.