1 Петар 1:6-12 MNT

6 Затоа треба неизмерно да се радувате, макар што, ако е неопходно, уште кратко време ќе минувате низ разни маки и искушенија.

7 Преку нив се проверува вредноста на вашата вера. Дури и златото, кое е само од привремена полза, со оган се проверува. Вашата вера е многу повредна. Така, ако успешно ја поминете таа проверка, вие ќе добиете пофалба, слава и чест на денот кога Исус Христос ќе му се открие на целиот свет.

8 Вие Го сакате Христос, иако никогаш не сте Го виделе, верувате во Него, иако не ви е пред очи. Затоа ќе се радувате со величествена радост што не може да се опише,

9 оти ќе ја постигнете целта на вашата вера - спасението на своите души.

10 Токму за ова спасение сакаа повеќе да дознаат и пророците. Тие пророкуваа за тој незаслужен подарок што требаше да дојде.

11 Се обидуваа да дознаат на кого се однесува тоа и кога ќе се случи. Духот на Христос беше во нив и им претскажуваше дека Месијата најпрво ќе страда, а потоа ќе се стекне со голема слава.

12 Ним им беше откриено дека ова нема да се случи во нивно време и дека тие претскажуваат работи за иднината, за вас. Тие работи сега ви беа објавени преку оние што ви ја проповедаа Радосната вест, со силата на Светиот Дух испратен од небото. Дури и ангелите копнеат да проникнат во овие работи, да ги разберат.