1 Солунјаните 1:2-8 MNT

2 Постојано Му заблагодаруваме на Бог за сите вас и секогаш ве спомнуваме во нашите молитви.

3 Си спомнуваме пред Бог, нашиот Татко, како се покажа вашата вера на дело, како работите со љубов и колку трпеливо се надевате на нашиот Господ Исус Христос.

4 Знаеме, драги пријатели, дека Бог вас ве сака и дека ве одбра да бидете Негов народ,

5 затоа што Радосната вест не ви ја проповедавме само преку зборови, туку бевте сведоци на огромна сила: Светиот Дух наполно ве увери дека тоа што ви го говоревме е вистина. Вие знаете како живеевме додека бевме кај вас. Тоа беше дополнителен доказ дека нашата порака е искрена.

6 Вие сега се однесувате онака како што се однесуваме ние и како што се однесува Господ, па, иако многу настрадавте, со радост ја прифативте пораката што доаѓа од Светиот Дух.

7 Така им станавте пример на сите христијани во Македонија и Ахаја.

8 Не само што од вас почна да се шири пораката Господова во Македонија и Ахаја, туку за вашата вера насекаде се раскажува! Нема никаква потреба ние за тоа да зборуваме.