1 Тимотеј 6:12-18 MNT

12 Бори се храбро за верата и држи се цврсто за неа, за да добиеш вечен живот. Токму за тоа Бог те одбра и ти веќе пред многу луѓе даде исклучително добро сведоштво!

13 Пред Бог, Кој му дава живот на се што постои, и пред Исус Христос, Кој даде добро сведоштво пред Понтиј Пилат, те задолжувам

14 беспрекорно да се придржуваш до сите заповеди, та никој да не може да ти најде мана, се до повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос.

15 Бог е нашиот единствен Владетел, Цар на царевите и Господар на господарите. Во определеното време Тој пак ќе Го испрати Исус Христос кај нас.

16 Само Бог е бесмртен. Тој живее во светлина во која никој не може да Му пријде! Човечко око не Го видело, ниту може да Го види. Сета почит и власт Му припаѓаат Нему. Амин!

17 Предупреди ги богатите на овој свет да не ги обзема горделивост, ниту да се надеваат на своето богатство што лесно можат да го загубат! Кажи им да се потпрат на Бог, Кој обилно ни дарува се што ни е потребно за да уживаме во животот.

18 Советувај ги да прават добри дела, да помагаат, да бидат дарежливи, решени да го делат со другите луѓе она што го имаат.