1 Тимотеј 6:4-10 MNT

4 Таквите учители горделиво се самозалажуваат, а ништо не им е јасно. Имаат нездрава желба да се расправаат, за збор да се фаќаат, а од тоа произлегуваат завист, кавги, навреди, опасна недоверба

5 и постојани расправии. Нивните умови се изопачени и тие не ја разбираат вистината. Мислат дека верата е средство за лично богатење.

6 Да, верата е навистина големо богатство, бидејќи те учи да бидеш задоволен со тоа што го имаш.

7 Со празни раце доаѓаме на овој свет и кога ќе го напуштиме ништо не можеме да понесеме со себе.

8 Ако имаме храна и облека, треба да бидеме задоволни.

9 Оние што сакаат да бидат богати паѓаат во сите можни искушенија и стапици. Стануваат робови на неразумни и опасни страсти што на крајот ќе ги доведат до питачки стап и целосна пропаст.

10 Алчноста за пари е корен на сите зла. Некои луѓе се толку алчни по пари, што дури и од верата скршнаа и си нанесоа многубројни болки.