2 Коринтјаните 2:4-10 MNT

4 Колку тешко ми беше да ви го напишам претходното писмо! Ви пишував длабоко нажален, со болка во срцето и со солзи во очите. Не сакав да ве повредам. Сакав само да сфатите колку е голема мојата љубов спрема вас.

5 Не претерувам ако речам дека човекот што ја направи целава оваа невола повеќе ве нажали сите вас, отколку мене.

6 Но повеќето од вас се усогласивте по ова прашање и казната што му ја изрековте е доволна.

7 Сега треба да му простите и да го утешите, за да не биде толку повреден што нема да биде во состојба духовно да се врати и да закрепне.

8 Затоа, ве молам, покажете му на тој човек дека се уште го сакате!

9 Ви го пишувам ова бидејќи сакам да ве проверам и да видам дали сте подготвени да се придржувате до сите мои упатства.

10 А на тој на кого вие ќе му простите, му простувам и јас. А тоа што јас веќе сум простил, ако воопшто сум имал нешто за простување, тоа е за ваша полза пред Христос.