2 Коринтјаните 4:2-8 MNT

2 Се откажавме од сите подмолни и срамни работи. Не се служиме со итрини и не го извртуваме Божјиот збор, туку јасно, пред Бог, му ја откриваме вистината на секој човек, оставајќи му ја одлуката на неговата совест.

3 Ако Радосната вест што ние ја проповедаме е скриена од некого, тоа е јасен знак дека тој се определил за пропаст.

4 Но на таквите Сатаната, богот на овој зол свет, им го заслепил разумот и тие не можат да го видат прекрасниот сјај на Радосната вест што ни доаѓа од преславниот Христос, Кој, како слика, точно Го одразува самиот Бог.

5 Ние не се истакнуваме себеси, туку проповедаме дека Исус Христос е Господ, а ние сме ви на услуга, заради Исус.

6 Зашто Бог, Кој рече: „Нека се појави светло во темнината!“, Тој ги просветли и нашите срца, за да согледаме дека Неговата слава се одразува во ликот на Исус Христос.

7 Но ова скапоцено богатство го носиме во обични земјани садови, односно во нашите смртни тела. Така на сите им е јасно дека оваа величествена сила доаѓа од Бог, а не од нас.

8 Од сите страни сме притиснати, но не сме поразени. Понекогаш сме збунети, но не сме без надеж.