2 Коринтјаните 9:7-13 MNT

7 Секој нека даде онолку колку што самиот ќе реши, без да му биде жал или сосила да се принудува. Бог ги сака оние што даваат со радост.

8 А Бог може толку изобилно да ве благослови, така што секогаш ќе имате доволно од се што ви треба, па од изобилието ќе можете да правите разновидни добри дела.

9 Како што е напишано во Светото Писмо: „Дарежливиот човек на сиромасите штедро им дава, праведноста негова ќе се памти довека!“

10 Бог, Кој обезбедува семе за сеидба, ќе обезбеди и леб за прехрана. А така ќе ви создаде и многубројни можности да сеете добри дела, па плодовите од вашата праведност ќе бидат обилни.

11 Ќе ве направи богати во се, така што уште поштедро ќе можете да давате. Кога ќе им ги однесеме вашите дарови на оние што се во скудност тоа ќе ги поттикне од се срце да Му се заблагодарат на Бог.

12 Зашто, извршувањето на оваа служба, освен што ќе им ги исполни потребите на христијаните во Ерусалим, во исто време ќе поттикне изливи на благодарност спрема Бог.

13 Значи, тие ќе Му оддадат слава на Бог благодарение на тоа што вие на дело се докажавте во оваа служба. Тоа ќе им биде доказ дека вие навистина живеете според принципите на Радосната вест од Христос, која вие ја исповедате и поради која толку штедро давате и за нив и за сите.