2 Петар 3:10-16 MNT

10 Денот кога Господ ќе се врати ќе ве изненади како крадец. Небесата ненадејно ќе исчезнат со силна бучава. Елементарните состојки во оган ќе се распаднат, а Земјата и сите остварувања на неа, ќе исчезнат.

11 Кога знаете дека сето ова ќе пропадне, како треба да се однесувате? Треба да водите свет живот, посветен на Бог,

12 да го чекате и што поскоро да го посакувате доаѓањето на тој Божји ден. Тогаш небесата ќе бидат запалени и уништени, а елементарните состојки од жештина ќе се растопат.

13 Но за нас Бог вети ново небо и нова Земја, каде што ќе владее праведност. Ова со нетрпение го очекуваме!

14 Очекувајќи го ова, пријатели мои, потрудете се Христос да ве затекне чисти, без пороци и помирени со Бог.

15 Ценете ја трпеливоста на нашиот Господ, бидејќи таа дава можност што повеќе луѓе да се спасат. За тоа ви пиша и нашиот сакан брат Павле, воден од мудроста што Бог му ја дал.

16 Тој за ова пишува во сите свои писма. Во тие писма има и работи што се тешки за разбирање, па некои неуки и неутврдени луѓе ги извртуваат, како што извртуваат и други делови од Светото Писмо. Така самите ќе се уништат.