Ефесјаните 2:12-18 MNT

12 Тоа беше кога Го немавте Христос. Бевте туѓинци и не бевте дел од Божјиот народ. Немавте дел во заветот, во ветувањата што Бог му ги даде на Својот народ. Живеевте во овој свет без надеж и без Бог.

13 Но сега го имате Исус Христос. Вие кои некогаш бевте далеку, сега сте доведени близу до Бог, благодарение на крвта што Христос ја пролеа за вас.

14 Христос е Тој што не помири, Кој од Евреи и неевреи направи еден народ. Го урна ѕидот што не раздвојуваше и не правеше непријатели.

15 Со Својата смрт Христос му стави крај на целиот еврејски систем од заповеди и правила. Преку Себе Христос создава нов човек, и од Евреин и од неевреин, изградувајќи така мир.

16 Умирајќи на крстот, и за едните и за другите, Христос го уништи непријателството што владееше меѓу нив, ги помири со Бог и ги обедини во еден народ.

17 Христос дојде и проповедаше помирување со Бог, и за вас неевреите што бевте далеку, и за нас Евреите што Му бевме близу.

18 Преку Него и вие и ние, со посредство на Светиот Дух, имаме пристап до Таткото.