Евреите 10:27-33 MNT

27 Во таков случај нема што друго да се очекува освен Божјиот страшен суд и распламтениот оган што ќе ги проголта Неговите противници.

28 Ако двајца или тројца сведоци потврделе дека некој одбил да го спроведе Мојсеевиот Закон, тој безмилосно бил погубуван.

29 Што мислите, колку потешка ќе биде казната за оној што ќе Го омаловажи Божјиот Син, ќе ја смета крвта на заветот, која го исчистила од грев, за нешто обично и несвето и ќе Го навреди Светиот Дух Кој ни ја дарува Божјата благонаклоност!?

30 Зашто знаеме дека Оној што рекол: „Јас ќе се одмаздам, Јас ќе им платам на тие што заслужиле“, рекол и: „Господ ќе му суди на Својот народ!“

31 Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!

32 Присетете се на минатото, кога штотуку бевте просветлени, а веќе поднесувавте зачестени напади и страдања!

33 Понекогаш бевте изложени на јавен потсмев, на навреди и прогони, а понекогаш им помагавте на тие што минуваа низ таквите страдања.