Евреите 9:15-21 MNT

15 Христос умре за да ги ослободи од казната оние што згрешија и го прекршија Стариот завет. Така Тој стана Посредник меѓу Бог и луѓето на еден нов завет преку кој сите што се повикани од Бог ќе го примат вечното наследство што Бог им го вети.

16 Ваквиот завет, всушност, е тестамент: тој стапува на сила само откако ќе умре тој што го напишал.

17 Се додека е живо лицето што го остава тестаментот, тој не може да се користи. Тестаментот стапува на сила дури откако ќе умре оној што го остава.

18 Затоа и првиот Завет беше воспоставен со употреба на крв како доказ за смрт.

19 Откако Мојсеј им ги пренесе на луѓето сите Божји закони, зеде крв од бикови и јарци, ја помеша со вода, па ги попрска книгата на Божјите закони и сите луѓе, употребувајќи гранче од исоп и црвена волна.

20 Потоа им рече: „Оваа крв го потврдува заветот што Бог го склучи со вас“.

21 Потоа Мојсеј ги попрска со крв и Светилиштето и сите предмети што се употребуваа за богослужба.