Филипјаните 2:10-16 MNT

10 Пред тоа име, пред Исус, сите суштества на колена ќе клекнат: небесните, земните и оние под земјата,

11 сите отворено ќе признаат дека Исус Христос е Господ! Тоа ќе Му донесе слава на Бог Таткото.

12 Затоа, драги мои, како што бевте послушни додека бев кај вас, уште поважно е да останете послушни и сега, кога сум отсутен. Продолжете да работите, со длабока страхопочит, за да се заокружи вашето спасение,

13 зашто Бог дејствува во вас, за да ве направи желни и способни да го работите она што Тој го сака.

14 Се што ќе правите, правете без да негодувате или да се расправате,

15 за да бидете беспрекорни и чисти. Меѓу овие расипани, изопачени луѓе вие треба да бидете совршени Божји деца, да светите меѓу нив како што ѕвездите светат на небото,

16 држејќи се цврсто до Пораката што носи живот. Така, кога Христос ќе се врати, јас ќе се гордеам со вас, зашто ќе биде јасно дека моите напори и мојата работа не биле залудни.