Јован 19:31-37 MNT

31 Тој ден, петок, беше денот на подготовка за утрешниот празник Пасха, кој за Евреите претставува особено значаен празник. Затоа тие побараа од Пилат да им ги прекрши нозете на распнатите и да ги симне, за да не останат да висат телата распнати на крстовите и во саботата.

32 Така, војниците дојдоа и најпрво им ги прекршија нозете на другите двајца кои беа распнати со Исус.

33 А кога дојдоа до Исус видоа дека веќе е мртов, па не Му ги скршија нозете.

34 Наместо тоа, еден од војниците со копје Го прободе под ребрата, при што потекоа крв и вода.

35 Знаеме дека сето ова е точно, затоа што го кажува човекот што лично беше таму и со свои очи виде. Затоа можете да верувате и вие.

36 Ова се случи за да се исполни Светото Писмо, кое претскажа: „Ниту една Негова коска нема да биде скршена.“

37 На друго место Писмото вели: „Ќе Го гледаат Оној што Го прободоа.“