Јован 4:9-15 MNT

9 Тогаш Самарјанката Му рече: „Ти си Евреин, а јас сум Самарјанка; како можеш да бараш вода од мене!?“ (Имено, Евреите не сакаа да општат со Самарјанците.)

10 Исус и одговори: „Кога би знаела што дава Бог, и Кој е Овој што ти бара вода, ти би побарала од Него и Тој би ти дал животодавна вода!“

11 Жената му рече: „Господине, немаш кофа за црпење, а бунарот е длабок. Од каде ќе нацрпиш животодавна вода?

12 Овој бунар ни е од нашиот прататко Јаков, кој од него пиеше, а исто така и неговите синови и нивниот добиток; зар си ти поголем од Јаков!?“

13 Исус и одговори: „Секој што пие од оваа вода одново ќе ожедни.

14 А оној што пие од водата што Јас ќе му ја дадам никогаш нема да ожедни. Водата што Јас ќе му ја дадам ќе стане во него извор на животодавна вода и ќе му донесе вечен живот.“

15 „Господине“ - му рече жената - „дај ми ја таа вода за повеќе да не ожеднувам, ниту пак да доаѓам овде да црпам вода!“