1 По овие случки, по повод еден еврејски празник, Исус се врати во Ерусалим.
2 А во Ерусалим, покрај Овчата порта, има една бања со пет тремови, која на хебрејски се вика Бетзата.
3 Под тремовите лежеа многу болни: слепи, сакати и парализирани (кои очекуваа да се раздвижи водата, бидејќи
4 одвреме, навреме ангел Господов слегуваше во бањата и ја раздвижуваше водата. Првиот што ќе влезеше по раздвижувањето на водата, оздравуваше од каква и да било болест да боледуваше.)
5 Таму имаше еден човек, кој боледуваше веќе триесет и осум години.
6 Исус го виде како лежи и знаејќи дека веќе долго време боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?“
7 „Господине“, - Му одговори болниот - „нема кој да ме спушти во бањата кога ќе се разбранува водата. Додека јас да втасам - друг слегува пред мене!“.