10 Исус се исправи и ја праша: „Жено, каде се луѓето што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“
11 „Никој, Господине!“ - Му одговори таа. „Тогаш ни Јас не те осудувам; оди си и отсега не греши“ - и рече Исус.
12 Подоцна, Исус повторно им зборуваше на фарисеите: „Јас сум Светлината на светот! Секој што ќе биде Мој следбеник ќе ја има животодавната Светлина и никогаш нема да талка во темнина!“
13 Тогаш фарисеите Му рекоа: „Еве, сега Самиот сведочиш за Себе! Значи, Твоето сведоштво не е веродостојно!“
14 Исус им одговори: „И да сведочам Сам за Себе, тоа што го кажувам е веродостојно, затоа што Јас знам од каде дојдов и каде заминувам. А вие не знаете ниту од каде доаѓам, ниту каде заминувам.
15 Вие судите според човечки мерила, а Јас никого не судам.
16 А, и ако судам, Мојот суд е справедлив, бидејќи тоа не го правам Сам, туку заедно со Таткото што Ме испрати.