Јован 8:21-27 MNT

21 Потоа Исус повторно им се обрати и им рече: „Јас си заминувам, а вие ќе Ме барате, но ќе умрете со непростени гревови! Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!“

22 Еврејските верски водачи си велеа: „Да не изврши самоубиство, штом вели: ,Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!‘?“

23 Исус им рече: „Вие му припаѓате на овој свет долу, а Јас доаѓам од горе. Вие сте од овој свет, а Јас не сум од овој свет.

24 Затоа ви реков дека ќе умрете со непростени гревови. Ако не поверувате дека Јас Сум Тој што Сум - ќе умрете со непростени гревови!

25 „Кој си Ти?“ - Го прашаа тие. Исус им одговори: „Што ви кажував од почетокот?

26 Имам многу работи за вас да зборувам и за многу нешта да ве судам, но нема да го сторам тоа. Оној што Ме испрати е вистинит и Јас го зборувам само она што сум го чул од Него.“

27 Тие не сфатија дека им зборува за небесниот Татко.