29 Тој што Ме испрати е со Мене. Тој не Ме остава Сам, затоа што Јас секогаш постапувам онака како што Тој сака да постапувам.“
30 Додека го зборуваше ова, многумина поверуваа во Него.
31 Тогаш Исус им се обрати на Евреите кои поверуваа во Него: „Вие ќе бидете Мои вистински ученици, ако се придржувате до Моето учење.
32 Тогаш ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“
33 Тие Му одговорија: „Ние сме потомци на Авраам и никогаш никому не сме му робувале; што сакаш да кажеш кога велиш дека ќе бидеме слободни!?“
34 Исус им одговори: „Ве уверувам дека секој што греши му робува на гревот.
35 А робот не останува трајно во семејството. Синот е трајно член на семејството.