Јован 9:15-21 MNT

15 Фарисеите повторно почнаа да го распрашуваат, како прогледал. „Ми стави кал на очите“ - им одговори тој - „Потоа се измив, и еве - гледам!“

16 Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој човек не е од Бога, бидејќи не ја почитува саботата!“ Други, пак, велеа: „Како може грешен човек да прави вакви чуда!?“ Во врска со ова, се јави раздор меѓу нив.

17 Затоа повторно му се обратија на слепиот: „Што мислиш ти за човекот што ти ги отворил очите?“ “Пророк е!“ - одговори тој.

18 Но еврејските верски водачи не му поверуваа дека бил слеп и прогледал, па затоа ги повикаа неговите родители,

19 и ги запрашаа: „Ова ли е вашиот син за кого тврдите дека се родил слеп? Како тоа сега гледа?“

20 Неговите родители им одговорија: „Знаеме дека ова е нашиот син, кој се роди слеп.

21 Но, како тоа сега гледа - не знаеме. Ниту, пак, го знаеме Човекот што му ги отворил очите. Прашајте го него, тој е возрасен и самиот може да зборува за себе!“