Марко 10:17-23 MNT

17 Кога Исус излегуваше кон патот, Му притрча еден човек, клекна на колена и Го праша: „Добар Учителе! Што треба да правам за да се здобијам со вечен живот?“

18 Исус му одговори: „Зошто Ме нарекуваш ,добар‘? Само Бог е добар!

19 Ги знаеш Божјите заповеди: Не убивај, не врши прељуби, не кради, не зборувај лаги за другите, не мами, почитувај ги мајка си и татка си ...“

20 Човекот Му одговори: „Учителе! Кон сите овие заповеди се придржувам уште од детството!“

21 Тогаш Исус милно го погледна и му рече: „Има уште едно нешто што треба да го направиш: оди, продај го сиот свој имот и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе добиеш имот на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“

22 Кога го чу ова, човекот си замина разочаран и тажен, бидејќи поседуваше голем имот.

23 Исус погледна наоколу и им се обрати на Своите ученици: „Колку им е тешко на богатите да влезат во Божјото царство!“