Марко 11:11-17 MNT

11 Така Исус влезе во Ерусалим и отиде во храмот, разгледа сe наоколу, но бидејќи веќе беше доцна, се врати со дванаесеттемина во Бетанија.

12 Утредента, кога излегуваа од Бетанија, Исус огладне.

13 Од далечина забележа една разлистена смоква крај патот и се упати кон неа да види дали има плодови. Кога дојде, не најде плодови, туку само лисје, зашто сe уште не беше време за смокви.

14 Исус му се обрати на дрвото: „Од тебе никој веќе никогаш да не јаде плодови!“ Ова го слушнаа Неговите ученици.

15 Исус и Неговите ученици дојдоа пак во Ерусалим. Влегувајќи во Божјиот храм, Исус почна да ги отстранува сите луѓе кои во храмот вршеа купопродажби. Им ги испреврте масите на менувачите на пари и тезгите на оние што продаваа гулаби.

16 Не дозволи никој ништо да пренесува низ храмот.

17 Потоа ги поучуваше, велејќи: „Зар Бог во Светото Писмо не ви напиша: ,Мојот храм нека биде место за молитва на сите народи!?‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“