Марко 11:12-18 MNT

12 Утредента, кога излегуваа од Бетанија, Исус огладне.

13 Од далечина забележа една разлистена смоква крај патот и се упати кон неа да види дали има плодови. Кога дојде, не најде плодови, туку само лисје, зашто сe уште не беше време за смокви.

14 Исус му се обрати на дрвото: „Од тебе никој веќе никогаш да не јаде плодови!“ Ова го слушнаа Неговите ученици.

15 Исус и Неговите ученици дојдоа пак во Ерусалим. Влегувајќи во Божјиот храм, Исус почна да ги отстранува сите луѓе кои во храмот вршеа купопродажби. Им ги испреврте масите на менувачите на пари и тезгите на оние што продаваа гулаби.

16 Не дозволи никој ништо да пренесува низ храмот.

17 Потоа ги поучуваше, велејќи: „Зар Бог во Светото Писмо не ви напиша: ,Мојот храм нека биде место за молитва на сите народи!?‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“

18 Ова им дојде до ушите на свештеничките поглавари и на вероучителите кои почнаа да планираат како да Го убијат Исуса. Тие се плашеа од Него, бидејќи целиот народ беше одушевен од Неговите поуки.