Марко 8:25-31 MNT

25 Со Своите раце Исус повторно му ги допре очите. Тогаш човекот наполно прогледа и сe гледаше јасно.

26 Исус му рече: „Сега можеш да си одиш дома, но не наминувај во селото да раскажуваш за ова!“

27 Исус и Неговите ученици заминаа по селата во околината на градот Цезареја Филипова. Додека патуваа, Исус ги запраша: „За кого Ме сметаат луѓето?“

28 Учениците одговорија: „Едни мислат дека си Јован Крстител или пророкот Илија; други мислат дека си некој од древните пророци.“

29 Тогаш Исус ги праша: „А за кого Ме сметате вие?“ Петар одговори: „Ти си Месијата!“

30 Исус им забрани да им кажуваат на луѓето за Него.

31 Оттогаш Исус почна да им кажува што сe ќе се случи со Него. Им кажа дека Него, Синот Човечки, Го очекуваат големи страдања, дека Тој ќе биде отфрлен од народните водачи, од свештеничките поглавари и од вероучителите, дека тие ќе Го убијат, но и дека по три дни Тој ќе воскресне.