Марко 9:31-37 MNT

31 Тој сакаше да го мине времето поучувајќи ги само Своите ученици. Им зборуваше дека Тој, Синот Човечки, ќе им биде предаден на луѓето и дека тие ќе Го погубат, но и тоа дека три дена по погубувањето Тој ќе воскресне од мртвите.

32 Тие не сфаќаа за што зборува, а се плашеа да Го распрашуваат околу тоа.

33 Потоа Исус и Неговите ученици отидоа во Неговата куќа во градот Кафарнаум. Таму, во куќата, Исус ги праша: „За што се расправавте по патот?“

34 Тие молчеа, бидејќи расправијата беше околу тоа, кој од нив е најважен.

35 Седнувајќи, Исус ги повика дванаесеттемина Свои ученици да се соберат околу Него, па им рече: „Тој што сака почесно место меѓу вас, треба да им биде како слуга на сите!“

36 Потоа Исус повика едно дете, го исправи пред нив, го гушна и рече:

37 „Секој што во Мое име ќе прифати едно од овие деца, Ме прифаќа Мене. Прифаќајќи Ме Мене, Го прифаќа и Оној што Ме испрати.“