Естир 2:9-15 MKB

9 Девојката им се свиде на неговите очи, таа ја придоби неговата наклонетост, и тој се погрижи за нејзиното разубавување и за издржување. Покрај тоа и даде седум највредни робинки на царскиот дворец и ја премести заедно со девојките, во најудобните простории на женската куќа.

10 Естира не ги спомна ниту народот ниту потеклото свое, зашто Мардохеј и беше забранил да го направи тоа.

11 Секој ден Мардохеј шеташе пред дворот на женската куќа, за да научи како се чувствува Естира и како се однесуваат кон неа.

12 Секоја девојка требаше да влезе кај царот кога, според уредбата за жените, ќе дојдеше ред на неа, односно после дванаесет месеци. Зашто тогаш завршуваше времето на нивното разубавување: шест месеци со масло од смирна, а шест месеци со мирислива смола и со други масти за женска нега.

13 Па кога девојката влегуваше кај царот, и беше дозволено да понесе со себе, од женската куќа во царскиот дворец, сè што ќе побараше.

14 Таа влегуваше навечер, а наутро се враќаше во друга женска куќа, под надзор на Саазгаза, царев скопеник, чувар на соложниците. Веќе не му се враќаше на царот, освен ако ја посакаше посебно и ако ја повикаше кај себе по име.

15 Кога и дојде ред на Естира, ќерката на Авихаил, кој беше чичко на Мардохеј, кој ја имаше присвоено за своја ќерка - да влезе кај царот, таа не побара ништо освен она што и рече Игај, царевиот скопеник, чувар на жените. Сепак предизвикуваше восхитување кај сите кои ја гледаа.