Естир 3:1-7 MKB

1 По тие настани, царот Ахасвер го унапреди Амана, синот Амедатин, Агагеец: го возвиши, и неговиот престол го постави над сите други достоинственици, кои беа со него.

2 Сите цареви службеници, кои се наоѓаа при царевата врата, се поклонуваа и коленичеа пред Амана, зашто царот нареди така. Но Мардохеј не се поклонуваше ниту коленичеше.

3 Царевите службеници кои се наоѓаа при царската врата, му рекоа на Мардохеј: „Зошто ја престапуваш царевата заповед?”

4 Иако тие му го повторуваа тоа секој ден, тој не ги послуша. Тогаш тие му го јавија тоа на Амана за да видат дали вреди Мардохеевото оправдување. Зашто им рече дека е Евреин.

5 Кога Аман утврди дека Мардохеј ниту му се поклонува ниту коленичи пред него, се налути силно.

6 А кога научи на кој народ му припаѓа, му се стори премалку да ги подигне рацете против самиот Мардохеј, туку науми да ги погуби со него и сите Евреи, кои живееја во сето Ахасверово царство.

7 Во првиот месец, односно во месецот нисан, во дванаесетата година на Ахасверовото царување, во присуство на Аман фрлија „фур”, односно жрепка, за да ги утврдат денот и месецот. Жрепката падна на тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно на месецот адар.