Естир 8:2-8 MKB

2 Царот го извади печатниот прстен, што веќе му го имаше одземено на Амана и му го даде на Мардохеја, а Естира го постави Мардохеја над Амановата куќа.

3 Тогаш Естира пак му прозборува на царот му се фрли пред нозете; се расплака и го замоли најтопло да го осуети злото на Агагеецот Аман и опакиот наум што го имаше засновано против Евреите.

4 Царот го испружи кон Естира златниот жезол. Естира се подигна, застана пред царот

5 и рече: „Ако му е волја на царот, ако најдов милост пред неговото лице, ако му е право на царот, та ако сум мила во неговите очи: нека отповика писмено сè што напиша Аман, синот Амедатин, Агагеец, со опака намера да се погубат Евреите кои се наоѓаат во сите покраини на царството.

6 Та како би можела јас да ја гледам несреќата, што би го погодила мојот народ? Како би можела да ја гледам гибелта на својот род?”

7 Царот и одговори на царицата Естира и на Евреинот Мардохеј: „Ете и ја подарив на Естира Амановата куќа, а него го предадов да биде обесен, зашто ја беше подигнал својата рака против Евреите,

8 а вие во царево име напишете за Евреите што ќе ви е угодно и запечатете го со царевиот прстен. Зашто е неотповиклив прогласот што е напишан во царево име, та запечатен со царевиот печат.”