1 Пророштвото за Нинивија; книга на видението на Наум Елкошанецот.
2 Господ е Бог ревнител и одмаздник; Господ се одмаздува и се гневи; Господ им се одмаздува на Своите противници, издржлив е во гневот против непријателите.
3 Господ е долготрпелив, ама голем во сила. Никако, Господ нема да ги пушти виновниците неказнети. Неговиот пат е во виор и во бура, облаците се прав на Неговите нозе.
4 Му се заканува на морето и го исушува, ги пресушува сите реки. Васан и Кармил овенаа, венее цветот на Ливан.
5 Пред Него горите се потресуваат, бреговите се топат, земјата се воздига пред Него, светот и сè што живее во него.
6 Кој може да издржи пред Неговото негодување? И кој ќе издржи пред пламенот на Неговиот гнев? Неговиот гнев се излева како оган и стените се распаѓаат пред Него.
7 Господ е добар, Тој е тврдина во ден на неволја, ги познава оние, кои прибегнуваат кон Него.
8 Кога потопните води ќе поплават, ќе го уништи наполно нејзиното место, ќе ги протера Своите непријатели во мрак.
9 Што смислувате вие против Господа? Тој уништува до крај; неволјата нема да се подигне двапати.
10 Како трнлив грмушник и како пијаници напиени, како сува слама ќе бидат наполно проголтани.
11 Од тебе произлезе оној, кој смислува зло против Господа, советникот на Велијал.
12 Господ зборува вака: „Нека се подготвени, нека се многубројни, ќе бидат покосени, кога тој ќе помине. Ако те понижив, нема да те понижувам отсега.
13 А сега, ќе го скршам јаремот негов од тебе, ќе ги скинам твоите окови.”
14 Господ наредува против тебе: „Не ќе се сее веќе од твоето име, од капиштето на твоите богови ќе ги истребам резаните и леаните ликови, ќе го направам твој гроб, зашто си презрен.”
15 Гледајте, врз горите се нозете на оној, кој носи Добра вест, кој проповеда: „Мир!” Празнувај ги своите празници, Јудо, исполни ги своите заклетви, зашто Велијал веќе не ќе поминува преку тебе, тој е сосема истребен.