Рут 1 MKB

1 Во она време кога владееја судиите настана глад во земјата, па од Јудиниот Витлеем еден човек отиде, со својата жена и со своите два сина, да се насели во Моавските Полиња.

2 Тој човек се викаше Елимелех, жена му Ноемина, а двата негови сина: Малон и Хелеон; сите беа Ефратци од Јудиниот Витлеем. Стигнаа во Моавските Полиња и тука се населија.

3 Тогаш Елимелех, Ноеминиот маж, умре, и таа остана сама со своите два сина.

4 Тие се оженија со Моавки; едната се викаше Орфа, а другата Рута. И таму живееја десет години.

5 Тогаш умреа Малон и Хелеон, и така Ноемина остана и без своите два сина и без својот маж.

6 Тогаш таа се крена, со своите снаи, да си отиде од Моавските Полиња, зашто чу во Моавските Полиња дека Бог го посетил Својот народ и му дал леб.

7 И така таа си отиде од местото каде живееше, а со неа и нејзините снаи; тргнаа на пат за да се вратат во Јудината Земја.

8 Тогаш Ноемина им рече на своите две снаи: „Вратете се секоја во домот на својата мајка! Господ нека ви биде милостив како што бевте вие кон покојниците и кон мене!

9 Господ нека ви додели двете да најдете мир, секоја во домот на својот маж!” И ги пољуби, а тие се расплакаа гласно.

10 И и рекоа: „Не! Ние ќе дојдеме со тебе, при твојот народ.”

11 Но Ноемина им рече: „Вратете се назад, ќерки мои! Зошто би сте иделе со мене? Зар ќе имам уште синови во својата утроба, кои би ви биле мажи?

12 Вратете се назад, ќерки мои, само одете! Премногу сум стара, не сум за мажење, па и кога би рекла: ‘Имам надеж да се омажам уште ноќеска и да родам синови’ -

13 зар би сте могле да чекате да пораснат, и зар би сте останале немажени заради нив? Не, ќерки мои, мојата тага би била поголема од вашата, зашто Господовата рака се крена на мене.”

14 Тие пак заридаа и Орфа ја пољуби својата свекрва и се врати, а Рута остана со неа.

15 Ноемина и рече: „Ете, гледаш, твојата јатрва се врати при својот народ и при својот бог; врати се и ти по својата јатрва!”

16 А Рута и одговори: „Не ме принудувај да те оставам и да си отидам од тебе: зашто каде одиш ти, ќе одам и јас, и каде ќе живееш ти, ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог - мој Бог.

17 Каде ќе умреш ти, ќе умрам и јас, каде ќе те погребаат тебе, ќе ме погребаат и мене. Господ нека ми врати со секакво зло и со неволја ако ме оддели нешто од тебе освен смртта.”

18 Гледајќи дека цврсто наумила да оди со неа, прекрати да ја одвраќа.

19 Така заедно одеа додека не дојдоа во Витлеем. А кога дојдоа во Витлеем сиот град се возбуди заради нив. „Ма, ова ли е Ноемина?” - (Пријатна) прашаа жените.

20 А таа им одговараше: „Не викајте ме веќе Ноемина, туку викајте ме Мара (Горчлива), зашто Сèдржителот ме исполни со горчина!

21 Оттука заминав со полни раце, а сега Господ ме враќа со празни раце. Зошто ме викате Ноемина кога Господ посведочи против мене, и Сèмоќниот ме завитка во тага?”

22 Така се врати Ноемина со Моавката Рута, со својата снаа, од Моавските Полиња. Стигнаа во Витлеем токму кога почна жетвата на јачмен.

поглавја

1 2 3 4