1 Потоа Воз излезе при градската врата и седна таму. И ете, помина оној старател за кого зборуваше. И Воз го повика: „Еј, дојди тука и седни!” Тој дојде и седна.
2 Тогаш Воз зеде десет луѓе од градските старешини и рече: „Поседнете тука!”
3 Потоа му рече на старателот: „Ноемина, која се врати од Моавските Полиња, сака да ја продаде онаа земја на нашиот брат Елимелех.
4 Затоа одлучив да разговарам со тебе и да ти предложам да ја откупиш нивата пред овие кои седат тука и пред старешините на мојот народ. Ако имаш намера да ја откупиш, тогаш откупи ја; ако немаш намера, кажи ми, да знам. Зашто, пред тебе никој нема право на откуп; јас сум по тебе.” А оној рече: „Сакам, ќе ја откупам.”