Софонија 2 MKB

1 Соберете се, соберете се, народе бесрамен,

2 пред да бидете протерани како плева што се распрснува во ден, пред да стигнат на вас Господовиот пламен и гнев, пред да стигне на вас денот на Господовиот гнев.

3 Барајте Го Господа, сите скромни на земјата, сите кои ги извршувате Неговите закони! Барајте ја правдата, барајте ја смиреноста: можеби вие ќе бидете заштитени во денот на Господовиот гнев.

4 Да, Газа ќе стане пустина, Аскалон запустување. Азот ќе биде протеран на пладне, Акарон откорнат од основи.

5 Тешко им на жителите на морскиот брег, на критскиот народ! Еве го Господовото слово против вас Ханаанците, Земјо на Филистејците: „Ќе те уништам, ќе ги истребам сите твои жители!”

6 И ќе станеш за пасење пастирско пасиште и ограда за стадо.

7 И тој крај ќе му припадне на Остатокот на Јудиниот дом; таму тие ќе го водат добитокот на пасење; навечер ќе се одморуваат во аскалонските куќи, зашто ќе ги посети Господ, нивниот Бог, и Тој ќе ги врати од ропство.

8 „Ја чув Моавовата навреда и потсмевнувањето на Амоновите синови, кога го навредуваа Мојот народ и се гордееја против нивните предели.

9 Затоа, жив Сум Јас!” - говори Господ над Војските, Израелевиот Бог, „Моав ќе стане како Содом и Амоновите синови како Гомор: поле обрастено со коприва, куп сол, вечна пустина. Остатокот на Мојот народ ќе ги ограби, најостатокот од Мојот народ ќе ги завладее.”

10 Тоа ќе биде цената за нивната гордост, зашто се воздигаа и му се потсмеваа на народот на Господа над Војските.

11 Господ ќе биде страшен за нив: кога ќе ги уништи сите земни богови, пред Него ќе се поклонат - секој во својата земја - сите острови на народите.

12 „И вие, Етиопци: вие ќе бидете погубени со Мојот меч.”

13 Потоа ќе ја подигне Својата рака против Север и ќе ја разруши Асирската Земја, од Нинивија ќе направи урнатини, суво место како пустина.

14 Среде неа ќе лежат: стадото, и секакви ѕверови на народите: чапли и ежови ќе почиваат ноќе на главчињата на столбовите, гласот нивни ќе ѕвечи на прозорците, и ќе оголи сè што е од кедрова направа.

15 Тоа ли е веселиот град, што живееше во мир, кој зборуваше во своето срце: „Јас и единствено јас!” Гледај, стана урнатина, ѕверско дувло! Сите, кои поминуваат покрај него, свират со устата и мавтаат со рацете.

поглавја

1 2 3