1 Јован 4 MNT

1 Драги мои, не верувајте му на секој што тврди дека во себе го има Божјиот Дух. Проверувајте дали духот што е во нив е од Бога, бидејќи по светот се појавија многу лажни пророци.

2 Вака ќе проверите дали некој во себе го има Божјиот Дух: ако проповеда дека Исус Христос дојде во човечко тело, тој е од Бога.

3 Секој што не Му оддава признание на Исус, не е од Бога, туку е од Антихристот. За Антихристот сте слушнале дека ќе дојде. Тој е веќе присутен во светот.

4 Чеда мои, вие Му припаѓате на Бог и веќе ги победивте овие непријатели. Божјиот Дух што е во вас е посилен од духот што е во световните луѓе.

5 Тие луѓе му припаѓаат на овој свет. Световно зборуваат и светот ги слуша.

6 Ние, пак, Му припаѓаме на Бог. Тие што Го знаат Бога, не слушаат, а тие што не се на Божја страна, не не слушаат. Така распознаваме дали некој е со Духот на вистината или со духот на заблудата.

7 Драги мои, треба да се сакаме еден со друг, бидејќи љубовта доаѓа од Бог. Секој што ги сака луѓето докажува дека е Божјо чедо и дека Го познава Бога.

8 Оној што не ги сака луѓето докажува дека не Го познава Бога, бидејќи Бог е љубов.

9 Бог ја докажа Својата голема љубов спрема нас, испраќајки Го на овој свет Својот единствен Син, за ние да добиеме вечен живот преку Него.

10 Тоа е вистинска љубов. Не дека ние го сакавме Бога, туку Бог нас не сакаше и Го даде Својот Син како помирителна жртва за нашите гревови.

11 Драги мои, штом Бог покажа толкава љубов спрема нас, и ние треба да се сакаме еден со друг.

12 Никој никогаш не Го видел Бога, но ако еден со друг се сакаме, покажуваме дека Бог живее во нас и Неговата љубов целосно ќе се искаже преку нас.

13 Бог ни го даде Својот Дух како доказ дека сме во Него, а Тој во нас.

14 Со свои очи видовме и им сведочиме на луѓето дека небесниот Татко Го испрати Синот, Исуса, да биде Спасител на светот.

15 Секој што го прифаќа Исуса како Божји Син, го има Бога во себе, а и тој е во Бога.

16 Сега знаеме колку многу Бог не сака и имаме доверба во Него. Бог е љубов! Секој што ги сака луѓето е во единство со Бога, а и Бог е во него.

17 Ако искрено се сакаме и ако живееме онака како што живееше Исус, нема причина да се плашиме од Судниот ден.

18 Љубовта не остава место за страв. Совршената љубов го исклучува стравот, бидејќи стравот подразбира казна, а тој што се плаши нема искрена љубов.

19 Ние возвраќаме со љубов, зашто Бог прв не засака.

20 Ако некој тврди дека има љубов спрема Бог, а мрази некој од христијаните, тој е лажливец. Ако не ги сака христијаните, кои му се пред очи, како ќе може да Го сака Бога, Кого не Го има видено?

21 Христос ни даде ваква заповед: Тој што Го сака Бога, треба да ги сака и христијаните околу себе.

поглавја

1 2 3 4 5