2 Тимотеј 3 MNT

1 Треба да знаеш дека во последните денови ќе настапат многу тешки времиња.

2 Луѓето ќе станат себични, алчни за пари, самољубиви и горделиви. Ќе навредуваат, ќе бидат непослушни спрема родителите, ќе бидат неблагодарни и без светост.

3 Ќе немаат љубов, ни желба да си простуваат; ќе се клеветат еден со друг, ќе немаат самоконтрола, ќе бидат свирепи и ќе му се противат на се што е добро.

4 Ќе станат предавници, безобѕирни и вообразени. Наместо да Го сакаат Бог, на прво место ќе сакаат да уживаат во своите страсти.

5 Навидум ќе изгледаат побожни, но тие ќе ја одбиваат силата што може да ги направи навистина побожни. Држете се понастрана од таквите луѓе!

6 Има меѓу нив и такви што влегуваат по домовите и ги придобиваат оние жени што се робови на гревот и што се раководат од необуздани страсти.

7 Таквите жени постојано се подготвени да слушнат нешто ново, а никако да ја сфатат вистината.

8 Тие луѓе и се противставуваат на вистината онака како што Јанис и Јамврис му се противставија на Мојсеј. Тоа се луѓе со изопачен ум, нивната вера е лажна.

9 Нема далеку да стигнат! Набргу нивното безумие ќе им стане јасно на сите, исто како што се случи и со Јанис и Јамврис.

10 Тимотеј, внимателно слушаше што те поучував и гледаше како живеев. Знаеш што сакам да постигнам и во што верувам. Виде колку сум трпелив и колку ги сакам луѓето. Виде колку можам да истраам.

11 Виде какви прогонства и страдања истрпев во градовите Антиохија, Иконија и Листра. Низ какви се прогони поминав и од сите нив Господ ме избави!

12 Сите што сакаат да живеат побожно и да бидат на страната на Исус Христос ќе бидат прогонувани,

13 а злите луѓе и измамниците ќе стануваат се полоши и полоши. Ќе заведуваат и ќе бидат заведувани.

14 Туку ти остани му верен на она што го научи и со непоколеблива вера го прифати, зашто знаеш кој те учеше.

15 Уште од мал ги познаваш Светите писма, а тие можат да ти дадат мудрост за да го согледаш патот кон спасението, преку вера во Исус Христос.

16 Целото Свето Писмо е од Бога вдахновено. Се што пишува во него може да ни користи за да се поучиме, да ни помогне да се поправиме и да ни покаже како праведно да живееме.

17 Светото Писмо совршено го подготвува секој Божји човек да умее да прави добри дела од секаков вид.

поглавја

1 2 3 4