Јаков 2:14-20 MNT

14 Драги пријатели, каква корист има да велите дека имате вера, ако тоа не се гледа од вашите постапки? Може ли таква вера да ве спаси?

15 Да претпоставиме дека некој ваш брат или сестра нема доволно облека или храна.

16 Дали е доволно да му кажете: „Оди си спокојно, Господ нека ти даде облека и храна!“, наместо да му го дадете она што му е неопходно за да преживее!?

17 Така е и со верата. Ако не е поткрепена со соодветни постапки, таквата вера е мртва вера.

18 Можеби некој ќе рече: „Некои луѓе имаат вера, а некои - дела.“ Покажете ми, како може да имате вера, а од тоа да не произлегуваат соодветни постапки, а јас, преку моите постапки ќе ви покажам дека имам вера.

19 Вие верувате дека има само еден Бог. Тоа е добро, но дури и демоните веруваат во тоа и се тресат од страв!

20 Зар не сакаш да сфатиш, површен човеку, дека од вера без дела нема никаква корист!?