1 Драги пријатели, не треба сите да настојуваме да станеме учители во Црквата. Всушност, ние, учителите, ќе бидеме судени построго од другите луѓе.
2 Сите ние грешиме во многу работи, но ако умееме да си го зауздаме јазикот, тогаш сме зрели луѓе, па ќе можеме да го зауздаме и целото тело.
3 На коњите им ставаме узда во устата, за да ги натераме да ни се покоруваат и да одат онаму каде што ние сакаме.
4 Земете ги бродовите за пример. Тие се толку големи, а сепак кормиларот со мало кормило ги води онаму каде што сака, и покрај силните ветрови кои ги движат.
5 Така е и со јазикот. Мал орган е, но голема штета може да направи. Едно жарче може цела шума да запали!
6 Јазикот е оган, најопасен од сите наши органи. Во состојба е целото тело да го опогани. Јазикот може целиот наш живот да го запали, бидејќи се пали од самиот пекол.
7 Секое животно, било да е ѕвер, птица, влечуга или морско животно, се припитомува, или било припитомено од човекот,
8 но јазикот, ниеден човек не може да го припитоми. Тој е необуздано зло, полн е со смртоносен отров.
9 Со јазикот Го величаме нашиот Господ и Татко, а со истиот тој јазик ги колнеме луѓето коишто се создадени според Божјо подобие.
10 Од иста уста излегуваат и благослови и клетви. Треба ли, драги мои, така да биде!?
11 Може ли од ист извор да извира и слатка и горчлива вода?
12 Може ли, драги мои, смоквата да раѓа маслинки, а лозата смокви? Од солен извор не може да се црпи слатка вода!
13 Има ли меѓу вас мудри и разумни луѓе? Ако има, покажете ја вашата мудрост и разумност со примерен живот, со постапки што ќе се одликуваат со скромност и ќе бидат направени мудро.
14 Но ако вашите срца се полни со чемерна завист и себичност, немојте да се фалите и да се лажете дека сте мудри.
15 Тоа не е небесна мудрост, туку овоземна, себична и демонска.
16 Кога луѓето се завидливи и себични, создаваат безредие и секакви зли дела.
17 Небесната мудрост не прави чисти, мирољубиви, внимателни, чувствителни, да ги сакаме луѓето и да им помагаме, да бидеме непристрасни и нелицемерни.
18 А миротворците ќе го сеат семето на мирот, и ќе жнеат плодови на праведност.