Јаков 4:11-17 MNT

11 Пријатели мои, не зборувајте лошо еден против друг! Кој зборува против својот пријател христијанин или го осудува, тој го напаѓа и осудува Божјиот Закон. А ваша задача е да го исполнувате Божјиот Закон, а не да го оценувате!

12 Само Бог е Законодавец и Судија. Само Тој може да спасува или да уништува. Со кое право ти му судиш на твојот ближен!?

13 Слушнете ме сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе одиме во тој и тој град и таму една година ќе работиме, ќе тргуваме и ќе заработиме.“

14 Што знаете вие за утрешниот ден? Од каде знаете дали утре ќе бидете живи? Вашиот живот е како утринската магла: ќе се појави за кратко и набргу исчезнува.

15 Треба да велите: „Ако е Божја волја, ќе бидеме живи и ќе го правиме ова или она.“

16 Наместо тоа, вие самоуверено се фалите со вашите планови. Лошо е така да се фалите.

17 Греши секој што не прави добро, иако знае дека треба да го прави.