Јаков 5:3-9 MNT

3 Вашето сребро и злато ’рѓосаа. Таа ’рѓа ќе биде сведоштво против вас. Ќе ги изеде вашите тела како оган. Напластивте богатство во овие последни денови.

4 Не им плативте на оние што ги косеа вашите ливади и тие неисплатени пари сега викаат против вас, а лелекот на оние што ги жнееја вашите ниви дојде до ушите на Семоќниот Господ.

5 Живеевте раскошно и разуздано на Земјата, си ги угоивте телата како добиток готов за клање.

6 Осудивте и убивте праведни луѓе, кои не можеа да ви се противстават.

7 Имајте трпение, драги пријатели, додека чекате да се врати Господ. Погледнете како земјоделецот трпеливо чека скапоцениот плод на земјата да узрее за жетва, како трпеливо го чека пролетниот и есенскиот дожд.

8 Бидете и вие трпеливи како него и охрабрете ги вашите срца: Господ брзо ќе дојде!

9 Немојте да негодувате еден против друг, во спротивно Бог ќе ви суди! Еве Го Судијата, веќе стои пред врата!