1 Во тоа време од Ерусалим дојдоа кај Исус некои фарисеи и вероучители и Го запрашаа:
2 „Зошто Твоите ученици не ги почитуваат нашите стари обичаи!? На пример, тие не го практикуваат ритуалното миење на рацете пред јадење!“
3 А Исус им одговори: „А зошто вие, со вашите обичаи, ги кршите Божјите заповеди!?
4 На пример, Бог заповедал вака: ,Почитувај ги мајка си и татка си. Кој ќе проколне татко или мајка да се казни со смрт!‘
5 А вие велите: ,Доволно е само некој да рече дека имотот што го има му го посветува на Бога,
6 и со тоа се ослободува од обврската да ги издржува своите родители!‘ На тој начин, со своите преданија вие ја укинавте Божјата заповед!
7 Лицемери! Имаше право Бог кога преку пророкот Исаија за вас напиша:
8 ,Овој народ со усните Ме почитува, но срцето му е далеку од Мене!
9 Се залажуваат дека Ме почитуваат, а всушност ги шират своите човечки обичаи како да се Мои заповеди!‘“
10 Тогаш Исус го повика народот да Му се приближи и му рече: „ Слушајте и сфатете дека,
11 не го погани човекот храната што ја внесува преку устата, туку она што го зборува и што го прави.“
12 По ова Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите се навредија од она што Ти го кажа?“
13 А Исус им одговори: „Секоја садница што не е насадена од Мојот небесен Татко, ќе биде искоренета!
14 Оставете ги; тие се слепи водачи кои водат слепи луѓе; а кога слепец води слепец обајцата ќе паднат во јама!“
15 Петар проговори и праша: „Објасни ни што сакаше да кажеш со оваа споредба?“
16 Тој им одговори: „Зар и вие уште не сфаќате!?
17 Не сфаќате ли дека си што се јаде преку устата минува низ стомакот и се исфрла надвор?
18 А зборовите што се изговараат низ устата и делата што излегуваат од срцето можат да го опоганат човекот.
19 Зашто, злите планови, убиствата, прељубите, блудствата, кражбите, лагите и пцостите произлегуваат од срцето на човекот.
20 Тие работи го поганат човекот, а не непочитувањето на ритуалното миење на рацете!“
21 Заминувајќи од Галилеја, Исус се повлече на север, во пределот на градовите Тир и Сидон.
22 Една жена, Хананејка, која живееше таму, дојде кај Него и наеднаш извика: „Имај милост спрема мене, Господе, Сине Давидов! Ќерка ми ја измачуваат демонски духови!“
23 Но Исус воопшто не ђ одговори. Тогаш Му пријдоа Неговите ученици и Го молеа: „Исполни ђ ја молбата, да не вика по нас!“
24 Но Исус им одговори: „Јас Сум пратен само кај Израелскиот народ, кај Божјите загубени овци“
25 А жената Му пријде и паѓајќи ничкум пред Него, Му рече: „Господе, помогни ми!“
26 Но Исус ђ одговори: „Не е право да се одземе лебот од децата и да им се фрли на кучињата!“
27 Тогаш, таа одговори: „Така е, Господине; но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари!“
28 На ова, Исус ђ одговори: „Голема вера имаш ти, жено! Нека ти се исполни желбата!“ Во истиот миг нејзината ќерка беше исцелена.
29 Заминувајќи си оттаму, Исус се упати назад, кон брегот на Галилејското Езеро; таму се искачи на еден рид и седна.
30 Надојде голема толпа народ, водејќи со себе куци, сакати, слепи, глувонеми и многу други болни, кои Му ги положуваа пред нозе, и Тој ги исцелуваше.
31 Народот беше вчудовиден, гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Му оддаваа слава на Израеловиот Бог.
32 Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“
33 А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“
34 Тој ги праша: „Колку леб имате?“ Тие Му рекоа: „Седум леба и неколку рипчиња.“
35 Тогаш Исус им заповеда на луѓето да испоседнат по земјата,
36 па ги зеде седумте леба и рибите, Му се заблагодари на Бог и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците, а тие му ги разделуваа на народот.
37 Сите јадеа и се наситија, а собраа и седум полни кошници со парчиња што преостанаа.
38 А луѓето што јадеа беа на број четири илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.
39 Тогаш Исус го пушти народот да си оди, а Тој се качи на бротче и замина во пределот на Магадан.