32 Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“
33 А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“
34 Тој ги праша: „Колку леб имате?“ Тие Му рекоа: „Седум леба и неколку рипчиња.“
35 Тогаш Исус им заповеда на луѓето да испоседнат по земјата,
36 па ги зеде седумте леба и рибите, Му се заблагодари на Бог и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците, а тие му ги разделуваа на народот.
37 Сите јадеа и се наситија, а собраа и седум полни кошници со парчиња што преостанаа.
38 А луѓето што јадеа беа на број четири илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.