5 Ангелот им се обрати на жените: „Не плашете се! Знам дека Го барате распнатиот Исус.
6 Не е тука; воскресна, како што однапред ви беше рекол! Влезете и погледнете го местото каде што беше положено Неговото тело.
7 Одете брзо и кажете им на Неговите ученици дека Тој воскресна од мртвите и дека е на пат кон Галилеја. Појдете таму и ќе Го видите. Еве, дојдов да ви го кажам тоа.“
8 Со измешани чувства на страв и радост жените веднаш ја напуштија гробницата и со трчање се упатија кон Исусовите ученици да ги известат за ова.
9 Одеднаш, ги пресретна Исус и ги поздрави: „Здраво!“ Тие Му пријдоа, ги прегрнаа Неговите нозе и Му се поклонија.
10 Тогаш Исус им рече: „Не плашете се! Одете и јавете им на Моите браќа да појдат во Галилеја; таму ќе се видиме!“
11 Додека жените одеа кон градот, некои од стражарите што го чуваа гробот веќе отидоа во градот и им раскажаа на свештеничките поглавари за сето ова што се случи.