3 Тој е човекот што беше претскажан од пророкот Исаија со зборовите: „Глас одекнува низ пустината, кој вели: ,Пригответе пат за доаѓањето на Господ, исправете го патот за Него!‘“
4 Јован носеше облека исплетена од камилски влакна, а околу појасот носеше кожен ремен; се хранеше со скакулци и див мед.
5 Кај него доаѓаа луѓе од Ерусалим, од цела Јудеја и од сите предели по долината на реката Јордан.
6 Тие ги исповедаа своите гревови, а тој ги крштаваше во реката Јордан.
7 Но кога Јован виде дека кај него доаѓаат да се крстат и голем број фарисеи и садукеи, им рече: „Змиски рожби! Кој ве предупреди, та бегате од Божјиот гнев што доаѓа!?
8 Докажете на дело дека навистина сте се покајале!
9 Не залажувајте се со тоа што сте потомци на Авраам, зашто, ви велам, Бог може и од овие камења да направи Авраамови потомци!